Трајановски: На скопјани им ветувам работа, работа и само работа, за убаво и подобро Скопје

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Коце Трајановски денеска ја побара поддршката од скопјани за неговиот трет мандат.

Осврнувајќи се на изминатите 20 дена од изборната кампања, Трајановски рече дека е задоволен од поддршката што ја добил од граѓаните.

– Сметам дека како градоначалник реализирав голем број на проекти за подобро и поубаво Скопје и сметам дека проектите предвидени во мојата изборна програма ќе придонесат за подобрување на животот на моите сограѓани. На граѓаните на Скопје им ветувам работа, работа и само работа, за нашето Скопје, за убаво Скопје, за подобро Скопје. И сметам дека врз основа на претходно направеното и врз основа на ветеното дека ќе го добијам и третиот мандат да го водам Градот Скопје, рече Трајановски.

За следните четири години доколку го добие мандатот, Трајановски најави нови паркови и зелени површини, сообраќајни решенија, еколошки јавен транспорт, нова гимназија во Аеродром, како и инвестиции за младите, спортот, образованието и културата.

Тој побара поддршка и за советничката листа за Град Скопје бидејќи, како што рече, за непречена реализација на ветените проекти потребно е силно мнозинство во Советот на градот.