Топлификација „Скопје Север“ гледа спас во јавно-приватно партнерство

Оваа грејна сезона ќе заврши идентично како и минатата за Топлификација „Скопје Север“.

Бројката од 1 250 корисници од кои активен е само 461 корисник, очигледно не е доволна за економски опстанок на претпријатието. Иако, кон крајот на 2015, запрен е трендот на масовно исклучување на корисниците од топлификационата мрежа, најчесто оние од колективните стамбени згради. Како и да е, бројката на корисници стагнира со години што може многу лесно да се заклучи според статистиката која ја водат во претпријатието. Споредбено, во 2014 година, бројот на корисници изнесувал 463, исто колку и претходните две години со минимални варијации на оние кои се откажале, односно се приклучиле на централната грејна мрежа.

Според првите луѓе на претпријатието главниот проблем кој го загрозува опстанокот на претпријатието е гасификацијата која ја спроведува Градот Скопје. Засега, единствено пречките во спроведувањето на истата го држат во живот ова претпријатие, кое од надлежните бара воспоставување на јавно-приватно партнерство.

Најголем пад во интересот на граѓаните за користење на услугите на Топлификација „Скопје Север“ забележен е во 2011, кога од услугите се откажаа преку 2 500 домаќинства.