„Том Тејлор“, „Ст. Оливер“, „Есприт“, „Гучи“: Македонските текстилци ги облекуваат Европејците

„Том Тејлор“, „Ст. Оливер“, „Есприт“, „Гери Вебер“, „Мис Сикстин“, „Ескада“, „Хуго Бос“, „Томи Хилфигер“, „Гучи“, „Макс Мара“, „Версаче“, „Мотиви“, се само дел од брендовите за кои работат нашите текстилци кои од година на година само го зголемуваат списокот со брендови за кои работат и новите пазари што ги освојуваат. И ако најмногу шијат за Германија или околу 70 отсто од вкупните нарачки се за познати трговски марки од таму, од лани е почнат поход за освојување нови пазари, како францускиот, англискиот, норвешкиот.

Македонските конфекции во просек годишно шијат облека и модни додатоци за познати светски брендови тешки по над 500 милиони долари. Годинава очекуваат оваа бројка да се надмине, со оглед на сe поголемиот интерес за ангажирање на наши компании. И ако до неодамна главен адут ни беше евтината работна рака, со која ја загрозивме дури и Kина, сега главни атрибути за кои се усовршиле македонските конфекции се малите нарачки со висок квалитет и брз рок на испорака. Бројките говорат дека домашната текстилна индустрија забрзано се враќа на патеките од пред кризата од 2009 година кога наголемо се откажуваа нарачките од странство.

- Новите брендови од францускиот и англискиот пазар не се познати кај нас, но нашите компании почнаа да соработуваат со брендовите како „Буху“, „Некст“, „Аманда Вакли“ од англискиот пазар, а од норвешкиот пазар брендот „ Kлоз ту мај харт“. Со самото тоа што работиме за големи брендови, можеме да истакнеме дека барем кај нашите стотина членки, работната рака и не е евтина, платите се повисоки во однос на други текстилни компании кај нас и шијат за поскапи брендови. Kомпаниите членки на Kластерот за текстил не саката да се промовираат со ниската работна рака, туку со брзи рокови за испорака, висок квалитет, мали налози, вели Наташа Сивевска, извршен директор на Kластерот за текстил.