ТОА БЕА ВРЕМИЊА: Некогаш беа главни манги (фото)

На почетокот на 90-тите имаше една група на македонски артисти кои уживаа голема популарност кај младите.

Нивните песни се пуштаа постојано на радио, телевизија и по клубовите, немаше текст на песна што публиката не го знаеше и секаде пејачите беа третирани како најголеми ѕвезди. Тинејџери трчаа по нив за автограм или пак слика во прегратка со својот музички идол.

Ена Веко беше првата девојка кај нас која „пееше“ рап. Студени Нозе беа омилени на македонските тинејџерки, но и постари госпоѓи на кои симпатични им беа Лео, Фиц и Сури, момците од ова трио. Денеска сите тројца тргнаа по различни патишта, но нивните песни се уште се популарни и кај новите генерации.

Ристо Бомбата и Кучешка Тенија беше проект на Кристијан Габровски кој успешно помина кај публиката. Бендот имаше дури и свој стрип кој беше најпродаван, а песните предизвикуваа смеа кај секој што ги слушаше. Духовитоста преовладуваше на секој албум на Ристо Бомбата. Силви Бенд најмногу се прославија со „Македо Ламбада“ како дел од наградната емисија на МТВ- „Даровизија“. Нивната макфестовска нумера „Ангели ме носат“ во тоа време беше мега хит. 

Сестрите Росана и Маријана беа освежување какво што сме немале на естрадата. Две близначки со ангелски гласови кои изведуваа народни и забавни композиции кои се евергрини. Кога сме кај сестрите неизбежно е да се споменат и Тања и Лидија Кочовски чии што балади и ден денеска наежуваат коа ги слушате. Тања Станковиќ- пејачка која ни го долови американскиот дух во Македонија. Одличен вокал, со уште подобри песни, а подоцна се пресели во Америка каде што се уште живее.

Ластовица беше култен бренд на македонската музичка сцена. Роберт и Владо продолжија да се занимаваат со музика, но песните кои ги изведуваа додека настапуваа под ова име секако ќе останат како дел од нашата ризница на модерни хитови и уште помодерни спотови. Кон крајот на 90-тите се појави нов бран на артисти кои ги освоија симпатиите на македонската публика. По теркот на светските трендови и кај нас се создадоа многу машки и женски групи меѓу кои најпопуларни беа: Магија, Нокаут, Тнт, Ок Бенд, П.С, Ин, Ексклузив, ХХЛ, 2Екстази, 3Д, Бум, Фор Плеј, Дуле и Коки, Нови Дечки, Пис Брадерс… Меѓу милениците на публиката кои полнеа огромни концертни сали кои денеска е незамисливо да се наполнат со македонска музика беа и Врчак, Угро, Тамара, Ерзана, Дарио, Александар Митевски, Тијана, Брејк, Тања Царовска, Андријана Јаневска, Дани Ѓошевска, Каролина, Калиопи,Сашо, Taња Царовска и многу други.

Секако тука беа и четирите диви на македонската музика- Ребека, Маја Вукичевиќ, Искра Трпева и Маја Гроздановска, Ерзана кои предзвикаа видео револуција со нивните за првпат видени гламурозни музички спотови кај нас. Тоа беа навистина убави времиња за македонската естрада кои многу од пејачите посакуваат повторно да се вратат.