Најпознатиот бенд на поранешна Југославија „Бијело дугме“ в сабота, 8 април, ќе има концерт во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој ќе настапат Горан Бреговиќ и двајца од трите вокали на групата – Младен Војичиќ-Тифа и Ален Исламовиќ.

Концертот го организира „Авалон продукција“ која денеска на прес-конференција најави дека ќе биде најспектакуларен кој бендот го одржал досега во Скопје, со учество на хор, гудачки оркестар, тамбураши…

Во Скопје доаѓаат по рекордно распродадени три арени во Белград и со листа на повеќе од 30 најпознати песни од нивниот опус. Денис Илиоски од „Авалон“ на прес-конференција денеска рече дека интересот за концертот во Скопје е доста голем и дека влезниците се речиси распродадени. Нагласи и дека скопскиот концерт е во организација ист како и минатогодишниот во Белград кога бендот имаше три концерти во белградската Арена.

Младен Војичиќ-Тифа нагласи дека  Скопје задутре ќе има ист третман како што имаше и Белград три дена минатата година и дека, ќе биде, како што рече,  гранде концерт.

На бина ќе има околу 40 музичари – машки голем хор, виолини, тамбураши, комплетниот оркестар на Горан со труби. Песните се преаранжирани за тој голем оркестар, тука ќе изведеме и неколку изискувачки стари песни уште од времето кога пееше првиот пејач во Дугме, така што треба да се дојде и да се слушне тоа, за да просудите дали е тоа добро или не е. Белград беше доказ дека беше  успешно и дека е многу, многу добро. Тоа ќе биде нешто најдобро што „Бијело дугме“ кога и да е досега го дало. Такви беа критиките за белградскиот концерт и се надевам дека така ќе биде и во Скопје, рече Војичиќ-Тифа.