Тие се туристички, духовен и културен центар на нашиот град (ГАЛЕРИЈА)

Црквите и катедралите обично се најфасцинантниот дел од секоја метропола. Затоа навистина вреди да се посетат доколку се најдете во нивна близина, да се ужива во нивната убавина и воедно да се запознаете со историјата поврзана со нивното постоење.

Рождество на Пресвета Богородица е православна црква сместена на падините на Водно на месното на историското село Горно Водно. Таа е возобновена врз темелите на стара повеќевековна црква со колективно ктиторство на сите поранешни жители на разуранатото село. На црквата Св. Богородица и претходи долга историја која започнала некаде во XIII век, во пишуваните извори спомнувана како Св. Богородица Елеуса и Св. Богородица Водњанска, а во втората половина на XVI век црквата запустела. Од 1847 до 1870 година е обновена еднобродната, засводена црква посветена на празникот Раѓање на Св. Богородица. Црквата и селото Горно Водно се разурнати во 1955 година. Поради својата местоположба, црквата е доста посетена.

Св. Димитрија — православен храм во Скопје, поранешна катедрална црква на Скопската епархија, посветен на великомаченик Димитрија. На нејзиното место имало стар храм, кој постоел уште од XVI век. Во 1727 година „Св. Димитар“ се споменува како катедрална црква.

Таа се наоѓа во близината на Камениот мост, на левата страна на реката Вардар, во Еврејското маало. Црквата е многу стара. Во 1690 год. била напуштена, а од 1886 до 1894 година црквата била обновена и проширена. Црквата била изградена во форма на кораб. За време на поправките кои биле изведени на црквата бил уништен и стариот живопис и сите важни записи за црквата. Според пишани податоци се знае дека црквата постоела уште во средниот век, во некои периоди била катедрала и дека во неа била сместена Скопската Митрополија и Митрополијата на Пеќката Патријаршија. Во дворот на оваа црква сè до 1878 година постоеле и гробишта. Во периодот меѓу двете светски војни постоеле надгробни плочи и остатоци на некогашен гроб. По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, зографисувањето го извршил зографот Крсте Колоски во периодот од 1963 до 1973 година. Стилските и уметничките вредности на зографската реализација во храмот се со скромен дострел. Зографот, во рамките на своите можности, се трудел во однос на сликарската постапка да ја следи поствизантиската традиција на живописувањето.

Св. Димитрија е една од ретките објекти кој го избегнал палежот на Пиколомини 25 октомври 1689.

Света Богородица е македонски православен христијански црковен храм кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. Црквата се наоѓа во познатото Пајко Маало на самиот кеј од левата страна на реката Вардар. Во минатото, во периодот од 1835 се до спалувањето до бугарската фашистичка војска во 1944, црквата била соборен храм на градот Скопје и седиште на Скопската епархија (митрополија). Патрониот светец на црквата, Пресвета Богородица, е заштитничка на градот Скопје.Најпрвин црквата „Света Богородица“ како соборен храм. и заштитник на градот Скопје била изградена во 1204 година од страна на македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс. Изградбата била довршена во 1214 година од неговиот син Стрез (Срез). Оваа црква постоела до 1688 година, кога била срушена од Турците.

Црквата е обновена во истиот изглед и архитектура како што ја имала во минатото.

Црквата Св. Спас е еден од најзначајните споменици на културата во Скопје. Таа се наоѓа источно од тврдината Кале. Црквата е споменик на културата, заштитен со закон, а во нејзе се врши богослужба и верски обреди само за нејзиниот патронен празник Спасовден.

Соборен – „Свети Климент Охридски“ — црква во Скопје и најголем и соборен храм на Македонската православна црква денес.

Каменот-темелник е поставен на 23 април 1972 година. Црквата е од тип ротонда, со димензии 36 x 36 м. и се состои од само од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу 1.000 м². Главната црква му е посветена на Св. Климент Охридски, а долната црква на св. Богородица. Од капелите, едната им е посветена на Цар Контантин и царицата Елена, а другата на светиот маченик Мина. Кога ќе се влезе во внатрешноста на црквата, особено внимание привлекува иконостасот што е направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората- лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 м во должина и 12,5 м во висина. На 45 метри висока камбанарија, што се наоѓа во дворот, лево (на север) од главниот влез на црквата, се поставени 3 камбани. Најголемата е тешка 1000 kg, втората 500 kg, а третата 300 kg и сите се излеани во Австрија. Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.

Црквата “Св Пантелејмон” е манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети со се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата на Комнените.

Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј I Комнен (1081 – 1118).

„Пресвето Срце Исусово“ е католички храм кој се наоѓа во Скопје, Македонија. Оваа црква претставува катедрален храм и седиште на Скопската бискупија при Римокатоличката црква. Црквата била изградена во 1977 година, а нејзин архитект е Благоја Мицковски.