„Тешко, тешко ќе биде“ - граѓаните разочарани од поскапувањaта

Поголемиот дел од граѓаните на Скопје со минимални месечни примања и досега се соочуваа со егзистенцијални проблеми, но како што велат, некако го крпеле животот. Со зголемување на цената на нафтата очекуваат поскапувања и на останатите производи.

„Тешко, тешко ќе биде. Има многу невработени деца, нема пари, затоа бегаат по странство. Со  200 евра кој може да издржи. Плус струја, вода и продуктите се поскапуваат, не може да опстане народот. Страшно“, вели Златко од Аеродром.

Зголемената цена на нафтата ќе донесе зголемени цени на  лебот, млекото, јајцата, автобуските карти за градскиот и меѓуградскиот сообраќај па дури и кафето во кафулињата. Сметките за парно ќе останат исти само за оние кои нема да воведат калориметри и ќе плаќаат топлинска енергија паушално. А доколку домаѓинствата сакаат да плаќаат за потрошеното ќе мора да стават мерачи кои пак ќе чини најмалку 300 евра – 200 евра за 4 радијатори и 100 евра за адаптирање на потстаницата, а за да се постават, треба да ги вградат барем 80% од станарите во зградата. Од прехранбените производи, пекарите веќе најавија дека во јануари ќе замесат нова цена на лебот.

„Не очекува еден ценовен шок. Гелдам дека веќе и некои прехрамбени производи се поскапени,што да ви кажам, тешко ќе биде и за пензионерите и за младите, вели  Славчо од Кисела Вода.

Во Македонија 21,8 процент или 450.500 граѓани се сиромашни, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика за 2016 година. Од вкупниот број сиромашни девет проценти се вработени, а 7,1 процент се пензионери.

Според објавените подтоци зголемување на стапката на сиромашија во однос на претходната година има за 0,3 проценти, кога сиромашни биле 21,5 отсто од населението или 445.200 илјади граѓани, а намалување во однос на 2014 година кога 22,1 процент или 457.200 граѓани биле сиромашни.

Коефициентот „Gini", кој е мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 33,6 проценти.

Анализирано по типови домаќинства, најголема стапка на сиромаштија од 50,6 проценти има кај домаќинства со три или повеќе издржувани деца, а најниска во самечки домаќинства со еден возрасен член на возраст од над 65 години. Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2016 година е 21,2 проценти.

Во 2016 година стапката на сиромаштија кај мажите била 22,2 проценти, а кај жените 21,5 проценти.

Од статистичките податоци може да се види и дека стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери изнесува 41,6 проценти, пред социјалните трансфери со вклучени пензии 25,7 проценти и по социјалните трансфери 21,8 проценти.

Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштија е дефиниран на 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход.