Тешки лекции кои мораме да ги научиме пред да ја добиеме вистинската љубов

Иако филмовите и книгите нѐ учат дека љубовта секогаш победува, сепак не секогаш сите врски се среќни и идеални. Но, за стигнеме до вистинската љубов, потребно е да научиме неколку важни лекции.

Кога велат дека не сакаат врска, верувајте им.

Доколку одредена личност ви каже дека не е подготвена да биде во врска поради различни причини, тие сакаат да ви кажат дека всушност не сакаат да бидат во врска со вас. 

Само поради тоа што вие не играте игри, не значи дека и другите нема да го прават тоа.

Кога станува збор за врските, најдоброто што можеме да го направиме е златното правило: однесувајте се со другите онака како што сакате тие да се однесуваат кон вас. Но, треба да знаеме дека доколку го применуваме ова правило кон другите, не значи дека секогаш тие ќе го применуваат кон нас. Некои луѓе исчезнуваат, некои си играат со вашите чувсрва, некои ве третираат лошо... и листата може да продолжи со милион примери. Но, таков е животот. Држете се до своите принципи и бидете најдобрата верзија од себе, но не очекувајте дека секогаш другите ќе се однесуваат така.

Колку побрзо прифатите како се чувствувате во однос на одредена личност, толку побрзо ќе знаете што да направите во однос на тоа.

Можете да размислувате за вашите чувства колку сакате, но порано или подоцна ќе ви стане јасно на што сте. Можете да рационализирате, да се расправате и да се обидувате да се убедите себеси како се чувствувате, но на крајот секогаш ќе ви бидат јасни сите нешта. Најпрво, бидете искрени со себеси, без оглед на тоа како се чувствувате, а потоа преземете нешто во склад со тоа.

Секој од нас сака одредена личност која не го заслужува тоа.

Има ли нешто полошо од тоа да се сака личност која е лоша за нас? Без оглед на тоа дали е тоа личност која ќе ве третира лошо во врската или која ќе ве остави кога ви е најпотребна, сите имаме некој кој го сакаме со сето срце, а кој не заслужува ни трошка од таа љубов. Но, тоа што треба да го направиме е да не дозволиме да ја изгубиме почитта кон себеси. Треба да знаеме дека заслужуваме некој кој ќе не сака и почитува и да не дозволуваме долго да бидеме жртви на луѓето на кои не им е грижа за нас.

Замените не го решаваат проблемот.

Понекогаш по завршување на одредена врска мислиме дека брзо треба да влетаме во нова врска, или пак мислиме дека завршувањето на врската можеме да го решиме така што ќе го игнорираме тоа и утехата ќе ја бараме во алкохолот или постојаните излегувања и забави. Но, иако тие работи можат да донесат одредена среќа на краток рок, сепак тие го одложуваат залечувањето по прекинатата врска. Никогаш не е едноставно и затоа треба да знаеме дека за нештата е потребно време.

Вашето скршено срце не е единствено на светот.

И, ќе залечите и тоа ќе помине и ќе дојде можеби уште едно скршено срце. Но, во меѓувреме ќе сфатите дека нема ништо романтично во скршеното срце. Исто така, ќе дознаете дека не сте единствени на светот, дека многу луѓе минуваат низ истата болка и искуства.

Не можете да смените никого.

Никогаш не треба да очекувате дека можете да смените одредена личност. Треба да прифатите дека личноста со која сте има одредени маани, и дека ако истите не ви се допаѓаат, треба да ги прифатите како такви или да си заминете, ако ви пречат премногу. 

Вашата љубовна приказна е различна од другите.

Сите имаат да кажат нешто за љубовта и имаат различни научени (но и ненаучени) лекции. Бидете подготвени и имајте волја да слушате за туѓите приказни, но и да научите од сопствените грешки. Не се плашете да бидете сами, но не се ни плашете од влегувањето во врска. Оставете ги работите да се случуваат по својот тек.