Тешка сообраќајна несреќа: Момче се бори за живот на Ургентен

Сообраќајна несреќа во која 14 годишно момче е тешко повредено и се бори за живот во Ургентниот центар во Скопје се случила вчера вечерта во кумановско Ново Село во близина на „Икина викендица“.

Од полицијата денес информираат дека 16 годишен малолетник од кумановско Љубодраг управувајќи „Ауди А-4 Авант“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Р.А. од Скопје, изгубил контрола над автомобилот, при што излетал надвор од патот и се превртел.

-По незгодата, сопатникот од автомобилот, лице на возраст од 14 години од Словенија, Горња Радгона, е пренесено во ургентниот центар во Куманово каде  констатирани му се тешки повреди на черепот, опасни по живот и по укажана лекарска помош како итен случај е упатен во Ургентниот центар во Скопје, информираат од МВР.

Полицијата на местото на несреќата извршила увид, а по претходно добиено овластување од јавен обвинител од Куманово, од малолетниот возач е земена крв за анализа, и констатирано е присуство на 0,56 промили алкохол во крвта.