Теренска вакцинација во училиштата по зимскиот распуст

Министерството за здравство апелира сите невакцинирани да ја примат МРП-вакцината пред да почне школската година. Вакцинирањето ќе продолжи и кога ќе заврши зимскиот распуст.

„Штом ќе заврши училишниот распуст, ќе има и теренска вакцинација во училиштата. Ги упатуваме сите родители што се сомневаат дека детето има морбили или тие самите можеби заболеле, од матичен лекар веднаш да се упатат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Пациентите се прифаќаат таму“, велат од Министерството за здравство.

На денешниот состанок на Комисијата за заразни заболуања било утврдено дека денеска до 10 часот во Скопје се хоспитализирани 7+1 дете, вкупно 8 деца за едно деноноќие, сите на возраст од 2 години и сите од населбата Ново Лисиче од Скопје и сите оделе во градинката „Сонце“.

Од овие нови осум пријавени случаи, 5 се потврдени, а за 3 се чека лабараториска потврда, но имаат јасна клиничка слика за морбили.

„Досега се заболени 9 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП-вакцината. Инаку, во групата имало 28 деца, сите невакцинирани“, велат од Министерството за здравство.

Од 16 декември до денеска има 23 пациенти хоспитализирани на Инфективната клиника во Скојпе, но за тројца од нив сè уште се чека лабораториска потврда, иако клиничката слика укажува на морбили.

Од 23 хоспитализирани, 9 лица до денес се пуштени на домашно лекување, а 15 сè уште се хоспитализирани со клиничка слика за морбили. На клиниката има 120 легла, кои заболените од морбили ги делат со пациенти и со друга патологија.

Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца.

Најмногу заболени има во населбата Аеродром – Ново Лисиче, 11 деца.

Има уште 12 пациенти што биле со полесна клиничка слика, амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување, сите од Скопје.

Според податоците од Клиниката за инфективнби болести и фебрилни состојби, досега се прегледани 40-ина пациенти за кои имало соменение или се потврдило дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје до 13 часот се вакцинирани 1.847 лица, а само денес се вакцинирани се 116 деца.

Вакцините што се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител, и имаат добар рок на траење, уверуваат од Министерството за здравство.