Тераса со фонтана и ангели - се гради споменикот на Мајка Тереза (фото)

Почнуваат да се наѕираат контурите на фонтаната и споменикот на Мајка Тереза на плоштад. На терен се работи секојдневно под полна пареа и покрај високите температури. Пристапот до плоштадот во овој реон е затворен, па е изведен соодветен премин покрај новата зграда на Комерцијална банка. Од Министерството за култура велат дека се работи активно, според предвидената динамика. 

Во тендерската документација беше напоменато дека објектот ќе се состои од две независни композиции, односно „две површини за градење, и тоа: портал украсен со богата релјефна пластика во бел мермер на која се поставени бронзени скулптури и неколку скулптурални композиции од бел мермер позиционирани на карпест дел обложен со травертин збогатен со водни слапови, кои даваат ефект на водопади“. 

Изведувачот треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, на милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи. 

Фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин, со што ќе се добие изглед на природна карпа. Во карпестата фонтана ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи, милосрдна сестра со болен што лежи и милосредна сестра со болен што седи на карпа.

На објектот, пак, на висина од 16,5 метри ќе бидат поставени централен ангел со крилја висок 3 метри, 4 ангели што седат со висина од три метри и 4 мали ангели со висина од 2 метри. Предвидено е објектот да има и тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар. Објектот ќе има и столбови. 

Изградбата на фонтаната ќе чини 5,5 милиони евра. Во меѓувреме, Министерството склучило договор и со Заводот за испитување материјали и развој на нови технологии за вршење стручен надзор на изградбата. Предвидено е фонтаната да биде изградена во рок од три години. Таа се гради по идејно решение на Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов. 

Инаку, Министерството првично требаше да биде координатор на проектот, а инвеститор да биде индискиот милијардер Субрата Рој.