Терапија за зависниците ќе се дава на уште 4 пункта низ градот

Дел од пациентите кои примаат терапија за одвикнување во Центарот за зависници во Кисела Вода, во наредниот период ќе можат тоа да го прават во општинските пунктови што се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населба Ченто и во Бардовци, како и во Градската општа болница „8 Септември“.

Од Министерството за здравство посочија дека во тек се подготовките за дисперзија на дел од пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода.

– Со ова се решава деценискиот проблем со Центарот за зависности во Кисела Вода. Пациентите ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Во овие пунктови, пациентите ќе добиваат метадонска терапија, додека проценката за промена на терапија ќе ја прави психијатарот кој е одговорен за пациентот и истиот ќе утврди колку пати неделно пациентот треба да ја зема терапијата. Со оглед на тоа дека во пунктовите ќе бидат третирани околу 120 пациенти, кои се дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес – велат од Министерство за здравство.

На лекарите ќе им биде олеснета работата бидејќи ќе имаат помал број на пациенти. Во тек се административните подготовки на пунктовите кои се веќе просторно опремени.

– Штом завршат овие подготовки, пунктовите веднаш ќе бидат пуштени во функција – потенцираат од Министерството и нагласуваат дека ниту еден пациент не смее да биде дискриминиран по ниту еден основ, и оти нивна обврска е да се грижат за секој пациент подеднакво.

Целиот процес на лекување на овие пациенти ќе биде строго контролиран, а во него, покрај здравствените работници ќе бидат вклучени и сектори од други министерства, невладиниот сектор кој работи со оваа целна група на лица, но и семејствата на пациентите.

izvor-vecerpress