Тепачка во средното училиште „Јосип Броз Тито“, повредени 3 лица

Тројца средношколци се повредени во тепачка вчера попладне во средното училиште Јосип Броз Тито, во која учествувал и родителот на еден од повредените средношколци.

Како што соопшти МВР, околу 14 часот од страна на полициски службеници на ПС Центар констатирано е нарушување на јавен ред и мир од страна на две лица А.Х. (17) и К.А. (18) кои што во Средното училиште „Јосип Броз Тито“ по претходна вербална расправа се степале разменувајќи си по неколку удари во пределот на главата и телото, со што се здобиле со телесни повреди во вид на модринки и црвенило.

Од страна на полициски службеници сочинети се два записника за констатиран прекршок по член 11 од ЗПП ЈР.

Во врска со истиот настан, се посочува, примени се и две дополнителни пријави. Првата од страна на К.А. (18) кој пријавил дека околу 13,30 часот физички бил нападнат од Б.Х. (49) (родител на А.Х.), кој откако видел дека неговиот син А.Х. физички се пресметува, почнал со тупанци да го удира К.А. нанесувајќи му повреди по главата. Втората пријава е од Е.И. (38) која пријавила дека нејзиниот син К.И. (17) кој се обидел да ги раздвои А.Х. и К.А. физички бил нападнат од Б.Х. (49) со неколку удари по главата.

Се работи на расчистување и на овие пријави.