Теодора, Андријана и Бојан го победиле ракот кога биле деца, сега им помагаат на болните дечињата

Андријана, Бојан и Теодора денес се пример за надеж и сила. Пример како желбата за живот и поддршката од најблиските и лекарите помагаат да се победи непобедливото. Волонтираат во САНО, здружение на родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства, кое отвори Родителската куќа наменета за сместување на родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на детска онкологија, пишува Факултети.мк
А не така одамна биле дечиња болни од рак. Исплашени, и тие и родителите, со месеци живееле во болница, во исчекување, со измешани чувства. Но биле цврсти, силни, па дури и насмеани. Успеале да победат.

И денес победуваат кога им помагаат на дечињата болни од рак, со кои волонтерски се дружат на Клиниката за детски болести, а родителите во нив гледаат надеж. Сè е поинаку кога пред тие родители стои некој што им е доказ дека има живот и по ракот, дека нема откажување, велат Ангела, Бојан и Теодора.

Како деца ги споила болеста, а сега, како возрасни и излекувани, уште повеќе ги зближила желбата да им помогнат на оние што денес се во слична ситуација – немоќни, а гладни за живот.

Теодора Трајковска е 20-годишна скопјанка, студентка на Медицинскиот факултет. Учи за медицинска сестра. Преживеала канцер пред 10 години.

– Ја победив леукемијата и тоа ми е главната инспирација да им помагам на дечиња болни од рак. Се излекував со хемотерапија и радиотерапија. Сега волонтирам во САНО. Пред да дојдам во здружението бев повлечена, затворена, но сега тука имам стимул да ја раскажам мојата приказна – вели Теодора.

Со САНО организираат и одат на разни конвенции и конференции. Имале конвенција во Струга, дружење во МКЦ во Скопје… често се на Детската клиника, играат со децата, цртаат, пеат, се забавуваат, но и сериозно разговараат со нив и со нивните родители.

Теодора се запознала со Андријана во болница, каде што двете лежеле, живееле заедно, се дружеле. Оттогаш се неразделни во желбата болните деца утре да бидат како нив, победници.

Андријана има 22 години и е студент на Економски факултет. На 12 години имала остеосаркома.

– Остеосаркома е рак на коска на лево колено. Во Македонија ги примав хемотерапиите, а операцијата беше во Шведска. Сега имам биолошка протеза. Траума е преживеаното, па затоа и јас, како и Теодора, бев многу затворена. Ни нудеа психолошка помош на клиниката, но не ја прифатив – вели Андријана.

Таа вели дека треба да се зборува за состојбите, за болеста. Да не зборувале нејзините родители тогаш за сè што се случува, немало да дознаат дека постои толку успешна оперативна метода, како таа што ѝ ја направиле. И постојано советува: Родители, не кријте ја состојбата, зборувајте и со децата!

– Луѓето кријат дека децата им се болни. Затоа сме ние толку малку на број. Токму поради тоа што моите родители разговараа со многу луѓе, дознаа дека има оперативна метода која не се работи овде и јас добив најдобар можен исход од целата ситуација. Децата треба да знаат со што се соочуваат. Мислам дека на моите родители им беше најтешко во текот на лекувањето, а мене ми паѓаше најтешко изразот на нивните лица кога требаше да ми кажат што се случува со мене – вели Андријана.

Имаш втор живот, живеј го!

– Токму така. Од лицата на родителите се гледа дека се воодушевени, им светат очите. И велат: „Имало крај на ова“ – додаваат Теодора и Бојан и нагласуваат дека освен волонтери, во здружението САНО има и психолог, кој работи со родителите на болните дечиња.

Бојан, Андријана и Теодора и приватно се другари. А тоа другарство сè повеќе се зацврстува додека работат на иста цел. Така заедно со колегите и пријателите од САНО организирале регионална конференција со децата-херои, конференција со ЕМСА Македонија и постојано работат на проекти за помош на децата кои сега се она што некогаш биле тие.