Темнината не е за луѓе, кафезот не е за птици, цвеќињата не се за во вазна...

После долго време повторно сум на почетокот. Повторно ја чувствувам суровата калдрма, тој нејзин горчлив вкус на неизвесност кој удира во душата и ме фаќа чувство на беспомошност која те стега околу грлото и постојано те удри во мозок, сака да те увери дека не си вреден, дека не си достоен. 

Тоа е чувство како нешто да сака да те скрши, да те убие во поим, да те уништи за да не постоиш веќе, да те избрише од лицето на Земјата. Како во некаков лавиринт, како во кафез, вратите се затворени, а никаде нема излез. Но, не се откажуваш ни за миг, како да го набљудуваш сето тоа од страна и знаеш дека тоа не можже да е вистина, дека тоа не може да биде поентата на животот, едноставно го знаеш тоа во одреден дел од себе и цврсто веруваш во тоа. 

Да, вербата е она што го прави човекот цврст и прави да биде нескршлив.

И го чуваш тоа нешто во себе, тоа нешто свое, не го даваш за ништо на светов, за ниедни пари, ни по цена на животот, тука нема дилеми, тоа свето нешто кое постои во тебе, кое постои во секој човек, тоа е твојата душа, таа е дар од Бога и наспроти сѐ, таа мора да остане чиста.

Но, повторно ја гледам таа железна, тешка врата, ја чувствувам нејзината тежина, гледам како неволно се отвораат, но не се грижат за тоа. Јас сакам да излезам од темнината, да минам низ таа врата, не сакам пекол, не го заслужувам, сакам да живеам, сакам светлина, сакам да бидам слободен, свесно да живеам. Темнината не е за луѓе, кафезот не е за птици, цвеќето не е за во вазни. 

Човекот не е создаден за да биде роб.

Слободата е најголемото богатство на човекот, таа е неговото најголемо достигнување – да биде слободен, да живее со љубов во животот.