Телекомуникациската кула на Водно порасна до 115 метри

Над 156 милиони денари (2,5 милиони евра) се предвидени во буџетот на АЕК за капитални инвестиции, а од нив дури 97 проценти се предвидени за изградба на антенскиот систем за контрола и мониторинг на Водно.

Ова беше истакнато од страна на Горан Лазаров од ЕВРОТИНК на презентацијата на петтиот мониторинг извештај за работата на АЕК. Тој потсети дека Владата веќе побарала да се направи детална анализа за оправданоста за градењето на овој антенски проект.

Од АЕК информираат дека изградбата на кулата оди според планираното. Изградени се 115 метри од предвидените 155 метри. Преостанува да се постави челично решеткастиот столб и антената на врвот. Решеткастиот столб е готов и зависно од временските услови ќе се монтира, а готова е и антената која ќе се постави врз решеткастиот столб. Со тоа ќе биде завршен градежниот дел на кулата. Останува да се постави дополнителната опрема и уредите во кулата. Сето тоа треба да заврши до октомври годинава и кулата, според планираното да биде пуштена во употреба до крајот на годинава.

Антенската кула почна да се гради во 2013 година, а финансиската конструкција договорена со изведувачот на работите ГП “Гранит” е 20 милиони евра. Во кулата ќе се смести антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите. Објектот е замислено да се состои и од канцелариски простор и ротирачки ресторан со панорамски поглед на градот.