„Телеком арена“ во трка за домаќин на група на ЕП 2020?

Новиот национален стадион во Белгија, кој треба да биде домаќин на натпревари од Европското првенство во 2020 година, доцни една година со градежните работи, па УЕФА размислува за одземање на организацијата.

Ова е добра вест за Македонија бидејќи Скопје и „Телеком арената“ одново влегуваат во комбинација за добивање една од групите што ќе носат можност за обезбедување место во следната рунда. Македонија не доби можност за организација на натпревари, но беше во трка со уште неколку стадиони, па сега одново се отвора ова прашање.

Иако не е ништо прецизирано и уште не е официјализирано, сепак е јасно дека постои ваква можност, така што Скопје може одново да се најде во трка заедно со „Френдс арена“ (Стокхолм, Шведска), стадион „Милениум“ (Кардиф, Велс), стадион „Теди-Колек“ (Ерусалим, Израел), стадион „Трактар“ (Минск, Белорусија) и стадион „Васил Левски“ (Софија, Бугарија).

Се очекува изјаснување и од УЕФА дали доцнењето на работите во Белгија ќе биде и причина за одземање на организацијата, со што ќе има нова трка за една од групите за ЕП 2020.