Театар Комедија учествуваше на два фестивали во БиХ, освои две награди

Театар Комедија учествуваше на два интернационални фестивали во Босна и Херцеговина со две претстави од својот репертоар, „Име“ од Александар Дела Пателиер и Метју Делапорт во режија на Ненни Делместре и „Трудна Приказна“ од Благица Секулоска во режија на Лидија Дедовиќ .

На регионалниот фестивал на комедијата во Сараево „Насмевка на Сараево“ кој беше за прв пат организиран од 12 до 20 мај, Театар Комедија освои две награди, награда за најдобра претстава за претставата „Име“, како и награда за најдобра машка улога за Атанас Атанасовски во претставата „Име“.

Од Театар Комедија соопштија дека фестивалот имал силна конкуренција со најголемите театри на Балканот како Театарот Керемпух од Загреб, Ателје 212 од Белград, Црногорскиот национален театар, Хрватскиот национален театар од Осијек, Народниот театар од Мостар итн.

Со овие награди, посочуваат, се потврдува квалитетот на Театар Комедија со што тој се поставува на регионалното театарско небо како важен сегмент од театарското живеење во жанрот на комедијата.

Освен на фестивалот во Сараево, Театар Комедија се претстави и на интернационалниот фестивал „Петар Кочиќ“ во Бања Лука, кој се одржува по 20-ти пат со претставата „Трудна приказна“ и наиде на одлични реакции од публиката. Овој фестивал почна на 17 мај и трае до 24 мај и е од натпреварувачки карактер, стои во соопштението.