„Театар комедија“ ги укинува бесплатните билети за студентите

Средношколците и студентите од оваа учебна година нема да гледаат бесплатни претстави во театар „Комедија“. Ова го одлучи новото раководство на театарот. Затоа, пак, влезницата за младите ќе бидат со попуст и ќе чинат 150 денари.

Уметничкиот директор на театарот, Сашо Ристовски, во изјава за Факултети.мк објаснува дека оваа одлука е донесена по претходно истражување и во согласност со Управниот одбор на театарот.

Директорката Мирјана Поповска-Ристов, која е дел од ансамблот на „Комедија“ во последните три години нагласува:

„Младите треба да се научат да ги ценат уметноста и вредноста. Јас сум многу задоволна, за почеток, од посетеноста во новата сезона. Уште како актер во овој театар многу ме иритираше фактот дека бесплатното важеше само за средношколци од Скопје и не се дозволуваше за другите градови. Многу често кога сме играле пред средношколци немало дисциплина, се добиваше впечаток како сосила да дошле. Се случуваше да имаме и реакции зошто една претстава ја играме, на пример, секој четврток, па младите немаа опција во терминот за нив да ги видат сите претстави“, вели Поповска-Ристов за Факултети.мк.

По изјавата на директорката следуваше реакција од страна на опозициската ВМРО ДПМНЕ:

Деновиве НУ Театар Комедија е нивна мета. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред 5 години го оформи Театар Комедија и менаџментот на истиот за кусо време успеа да го издигне на ниво на најатрактивните театри во државата, секогаш внимавајќи на квалитетот на претставите како краен продукт на еден театар. Обидувајќи се  театарот  да го направиме што подостапен до младата публика, владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе мерка бесплатни претстави за студенти и средношколци, популарно наречени „Средношколска среда“ и „Слободен четврток“  за студенти. Сегашната управа на Театар Комедија во координација со нивниот Управен одбор, но не и со останатите театри од Македонија, бескрупулозно ги укинаа  бесплатните претстави, изјави Јелена Жугиќ.