Театар: “Авантурите на Аладин” вечерва во МНТ

Приказната за Аладин и неговата волшебна ламба е една од највозбудливите во збирката “Илјада и една ноќ”, во која ја вметнал Французинот Антон Галанд во 18 век.

На сцената на Македонскиот народен театар, во режија на Бојан Трифуновски, вечерва (20 часот) ќе гледате осовременета верзија, чие дејство се случува во денешно време, но елементите на бајка со современи визуелни средства, сепак се присутни.

Голема вредност на оваа драматизација е присуството на духовитост и хумор, на кој се инсистира и вербално, но и незаборавно духовитите ситуации. Комбинацијата на бајка, хумор, музика и современост е клучот на оваа претстава за успех. Најмладата публика, за која пред се е наменета, ќе има шанса да патува, и да се смее, и да ги сака јунаците на сцената.

Транспозиција, од митско во сегашно време, носи нови вредности на оваа извонредна бајка. Доживувањата и авантурите на Аладин, според следот на приказната, не водат од возбуда во возбуда, од сцена во сцена, со цел да ни ја откријат, овој пат сензационално, во формат на детски сценски спектакл, вредноста на љубовта, пријателството и магијата.