„Тато, возев брзо, бев пијан, удрив во млада девојка“ - младите во канџите на алкохолот

Која е причината за пиење на алкохол во тинејџерски години? Надлежните со застрашувачки информации. 

Во текот на летните периоди по парковите на немал број градови може да се забележат многу млади луѓе, па и деца, собрани во групи, кои имаат покрај себе повеќе шишиња пиво, но и вино и „кока кола“, држејќи в рака и запалени цигари.

Младите и децата, кои несвесно започнуваат да се „навлекуваат“ на алкохолот, се залажуваат дека „од една чашка не се станува пијаница“, и така го оправдуваат „доживеаното задоволство“.

Се повеќе млади и малолетници пијат, а испиените количества на алкохол се зголемуваат. Се почести се случаите на тешки пијанства и труења со алкохол кај младите лица, кои потоа завршуваат на Клиниката за токсикологија во Скопје, или во локалните болници во градските центри во земјата. 

Во Македонија со години се спушта животната возраст кога се посега по првата чашка. Се регистрираат случаи дури и деца на 11 - годишна возраст кои пијат алкохол. 

18 проценти од момчињата и 9 отсто од девојчињата на 15-годишна возраст неделно консумираат алкохол. Бројот на млади кои уште во основните училишта започнуваат да консумираат алкохол е со тенденција на изедначување меѓу половите. Зачестува меѓу девојчињата појавата на „трендовски женски алкохолизам“, поттикнат било од помодарство, било од некакви чувства на разочараност.