„Таргет-Тврдина“: Мијалков го испрашуваше Костовски за „бомбите“

Во Кривичнот суд, во првиот дел од денешното рочиште за случајот „Таргет – Тврдина“, обвинетиот Сашо Мијалков вкрстено го испрашуваше сведокот Звонко Костовски инженер во петата управа во МВР.

Му поставуваше прашања во однос на тоа како се зачувувале снимените материјали од системот за следење на комуникации, за што тој кажа дека се зачувувале со преименување, односно дека се ставало името на говорниците и датумот на разговорот.

Мијалков праша зошто се преземал ризик и од мемориски стик фајловите се префрлувале на ДВД и потоа се изнесувале од МВР, на што сведокот кажа дека така било договорено. Во однос на тврдењето на Костовски дека тие разговори се снимени во МВР, Мијаков го праша дали може да го докаже тоа. Костовски одговори дека има неколку индикации за тоа. Прво дека со други системи не може да се постигне таков квалитет на разговорите. Исто така доколку има двојна линија, втората не се слуша. Трето, кога таргетот ќе заѕвони на некој со уредот се снимаат и разговори во просторијата, додека да крене соговорникот.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.