Танцов спектакл на покривот на „Македонска фаланга“

Културно-уметничкото друштво „Битрикс“ утре вечер, со почеток од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Делови“. Претставата е дел од проектот „Спаси ме“ поддржан од Град Скопје. Во три, 15 минутни дела како кореографи ќе дебитираат тројца од млади артисти, кои воедно се и изведувачи во претставата.

Дејан Битровски со парчето „П.А.Н.Г.Т.Е.О.“; Леонардо Хусеини со „КОНЕКТ“ и Ивана Балабанова со „3/∞“. Во претставата ќе учествува речиси целиот ансамбл на „Битрикс“ како и неколку малди музичари. Мултимедијалниот проект обработува неколку различни теми интерпретирани преку различни техники на танц. Кореографите инсистираат на блиска комуникација со публиката и користење на телата за да ја доловат емоцијата и енергијата.

„Битрик“ е група млади ентузијасти кои изминатите 5 години напорно работат на создавање на танцов бренд по примерот на светските танцови компании. За нивната работа повеќе пати имаат добивано признанија во и надвор од Македонија. Доказ за нивната посветеност и ангажман е вицешампионското место на Светското првенство за модерни танци како и бројните соработки и учества во културни проекти во Македонија од рангот на „Танц Фест“.