ТАКСИСТИТЕ ПРЕД НОВ ПРЕДИЗВИК: Таман научија англиски, ќе учат и албански

Од први јануари, такси-возачите вработени во лиценцирани такси-компании во Македонија ќе мора задолжително да знаат основен англиски јазик.

Засега не се знае како планира СДСМ да ја спроведе замислата за воведување двојазичност на ниво на државата. Од партијата не одговараат дали има доволно кадар за сите области во кои треба да се вработат Албанци – во училиштата, амбулантите, болниците, градинките, полициските станици, царината.

Планот за двојазичност подразбира и таксистите да го зборуваат албанскиот јазик покрај македонскиот и англискиот.

Таксистите Македонци и Албанци со кои поразговаравме, пишува Вест, велат дека најважно им е да имаат работа за да можат да ги прехранат семејствата а не непотребно да им се наметнува да учат уште еден јазик покрај англискиот.

-Дома имам три деца, сопругата не работи. Сите чекаат на мене да донесам леб. Скоро секој ден сум излезен од дома и верувајте најважно е да си го прехранам семејството. Сега одевме на обука за англиски јазик, а верувајте ќе нема смисла да одам и на албански јазик за да можам да си го заработам лебот. Таа изјава е апсурдна, нека не остават на раат чесно да си работиме, вели скопјанецот Стојан Б. кој една деценија работи како таксист.

И неговиот колега Љуљзим К, пишува Вест, со слично размислување. Вели дека најважно му е да заработи и дека политиката треба да се тргне настрана од такси возачите.

Инаку, таксистите посетуваа обуки за англиски јазик бидејќи од 1 јануари за сите такси возачи вработени во лиценцирани такси-компании во Македонија ќе биде задолжително основно познавање на англискиот јазик. Целта на оваа новина е да се довие поквалитетен такси превоз особено за туристите кои ја посетуваат Македонија.

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев пред извесно време го отвори прашањето за двојазичност во Македонија но засега не се знае како планира да ја реализира таа идеја.

Вест се обрати до партијата и праша каква е замислата за реализација на планот за двојазичност во Македонија, во одговор не добиле.

Не се знае ниту дали е направена финансиска рамка за вработување нови кадри во сите ресори ниту дали се подготвуваат амандмани за буџетот.

Заев за една телевизија рече дека двојазичноста ќе биде предност, пишува Вест.