Таксират со повеќе од 10 концертни вечери во Скопје

Во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со отворањето на тридневната музичка конференција и шоукејс фестивал ПИН, започна 19-тото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ.

Годинашната програма, која ја претставува и соработката на ТАКСИРАТ со ДЕСОНАНЦ фестивалот, ќе се одвива сѐ до 9-ти декември, со повеќе од 10 фестивалски настани и со настапи на повеќе од 60 значајни музички артисти од Европа, целиот регион и македонската сцена!

Во музичката програма на ПИН пак, нѐ очекуваат повеќе од 30 настапи на музички артисти, кои ќе се одржуваат во МКЦ во Скопје и тоа со бесплатен влез за посетителите. Во овој дел од програмата се запишуваат австралиско-американскиот арт-рок бенд LIARS, хероите на истанбулскиот психоделичен рок BABA ZULA, македонските сајберпанк пионери КИБОРГ, една од најавтентичните и неконвенционални македонски музички групи ФОЛТИН, еден од најдобрите хардкор панк бендови од Балканот ДЕБЕЛИ ПРЕЦЈЕДНИК од Хрватска, извонредниот хармоникаш од Швајцарија МАРИО БАТКОВИЌ кој на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди, македонскиот концептуален бенд кој музички може да се опише како пастиш на секој можен жанр – ПОГАН ПАГАН, едни од највлијателните претставници на македонската транс музика EGORYTHMIA , DJANTRIX и SPIRIT ARCHITECT, акустичната етно група со минималистички музички концепт БАКЛАВА, рок групата КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ која на ПИН ќе го промовира својот нов албум, IT’S EVERYONE ELSE од Словенија, STRAY DOGG, NAKED и VIZELJ од Србија, AT PAVILLON од Австрија, од домашната сцена уште и КОНТАКТ 59, SWEET RAPSCALLIONS, KEPURDHAT и други. Во петок скопската публика ќе ја има можноста да ги чуе и резидентите на Drugstore Beograd - хардверскиот волшебник A//O и еклектичниот селектор на танцови ритми SAUD. 

OPIUM HUM во Капан Ан, на 2-ри декември;

PLUTO’S DOUBTS во кино Фросина, на 4-ти декември;

DELTA FUNKTIONEN во МКЦ, на 7-ми декември;

ДАРКО РУНДЕК во МКЦ, на 7-ми декември;

DAMIEN DUBROVNIK и STRING FORCES во Македонска Филхармонија, на 8-ми декември;

HEADLESS HORSEMAN во МКЦ, на 8-ми декември;

ЛУЗЕР ФЕСТ 2017 во МКЦ, на 9-ти декември.

На исчекор кон 20-ката на ТАКСИРАТ, големото финале со кое ќе биде означен и почетокот на прославата во чест на „20 години алтернатива во Македонија“, нѐ очекува со концертот на пионерите на електронската музика, германскиот легендарен колектив KRAFTWERK чиј концерт со импозантното 3-D аудио-визуелно шоу ќе се одржи на 27-ми февруари, во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.