Такси превозот во Скопје е пред колапс

За да најдеш такси во Скопје треба да имаш навистина голема среќа. Ако порано можевте да бирате со кое такси сакате да се возите, денеска ви останува само да се молите пред работа да ви испратат било каков автомобил за да стасате на време без доцнење. 

Која е причината, зошто такси превозот во градот е пред колапс? Кој е виновникот? 

Голем број диви таксисти, лоши услови за работа, големите давачки и појавата на нови компании, кои исто така сега пропаѓаат, доведе до тоа голем број таксисти да престанат да работат, велат такси здруженијата.

Поради големиот број откази, сега се намалени и стандардите. Граѓаните се жалат на валкани и стари возила, таксисти кои пушат додека возат патници.

Градот Скопје информира дека со измената и дополна на Законот за превоз овозможено е изводите од лиценца за возила за автотакси превоз, кои се еколошки такси-возила со ниска емисија на штетни издувни гасови (хибридни возила со комбиниран моторен и електричен погон, возила со погон на природен гас-ЦНГ и возила на електричен погон) да не се ограничени.

Барателот кој врши автотакси дејност сега може да поднесе барање за повеќе од 10 изводи, но најмногу 5 проценти од вкупниот број на изводи од лиценца за автотакси дејност утврден со Одлука за автотакси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје или максимум 135 изводи од лиценца по барател – информираа од Град Скопје.

Пред оваа измена и дополна на Законот за превоз, распределбата на слободните изводи од лиценци за сите видови возила беше ограничена на максимален број од 3 изводи од лиценца за возило месечно, а 10 изводи годишно по вршител на автотакси превоз.