Такси ќе може да се вози и без англиски јазик

За да се стане таксист веќе нема да мора да се знае англиски јазик.

Министерството за транспорт и врски до 10 наредниот месец има задача да изготви измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, со една единствена новина – бришење на обврската таксистите кои работат во лиценцирани такси компании да мораат да имаат меѓународен сертификат за основно познавање на англискиот јазик.

– Во Законот за превоз во патниот сообраќај во членот 8, став 1, во точката 4 зборовите “и истите да поседуваат меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик на ниво А1 или А2 според Заедничката европска рефентна рамка за јазици (ЦЕФР) на Советот на Европа; “се бришат, стои во најавата за измена на Законот и се наведува дека оваа новина ќе влезе во сила осмиот ден од денот кога изменетиот закон ќе биде објавувен во “Службен весник”.

Обврската таксистите да имаат сертификат за познавање на англискиот јазик е воведена со измени на Законот за превоз во патниот сообраќај во 2013 година, кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. Со овие измени на таксистите им се даде рок до почетокот на оваа година да ги обезбедат сертификатите, а ресорното министерство ги плаќаше курсевите, кои се спроведуваа во 2015 година.

Со тие измени, освен што до 1 јануари 2017 година таксистите мораа горе-долу да го научат англискиот јазик за да можат да таксираат, добија и обврска до 2019 година, да го подобрат своето знаење на овој странски јазик, односно да го качат еден степен погоре.