Светски и домашни компании заинтересирани за гасификација на Скопје

Шест компании се заинтересирани за гасификација на скопскиот регион. Од извори вклучени во процесот на реализација на овој енергетски проект по пат на јавно- приватно партнерство заинтересирани се две фирми од Италија, по една од Аргентина, Турција и Шведска, но и еден домашен конзорциум.

Тие досега подигнале тендерска документација на веќе објавениот јавен повик за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа кој го опфаќа главниот град и околните општини Сарај, Петровец, Чучер-Сандево, Зелениково, Сопиште, Илинден како и Студеничани и Арачиново.

Вредноста на овој договор се проценува на околу 98 милиони евра. Се работи за втор јавен оглас, бидејќи претходниот беше поништен поради тоа што стигнаа понуди што не можат да се споредат поради различен технички или финансиски пристап.

Инаку заинтересираните компании имаат рок до 26 јуни година да ги достават понудите, а според строгите правила од огласот се бара компаниите да докажат дека во последните три години опслужуваат по минимум 7.000 корисници годишно,

Исто така од концесионерите се бара и потврда за финансиската состојба или изјава од банка дека има пристап до кредитна линија или обезбедени финансиски средства доволни да се реализираат 100 отсто од проектната задача.

Висината на концесискиот надоместок ќе биде главниот критериум кој ќе биде применет при доделувањето на договорот, а најниското ниво на кое е поставен концесискиот надоместок што треба да го плаќа приватниот партнер е 1 отсто од остварениот годишен приход од оперирањето со дистрибутивниот систем за природен гас.

Освен за скопскиот регион, Владата веќе објави посебни јавни повици за гасификација и на западниот и источниот регион, со што со гасна инфраструктура се покрива целата територија на Македонија.