Една од најголемите диџеј-ѕвезди во светски рамки, Пол Ван Дајк, на 3 февруари 2017 доаѓа во „Метрополис арена“ во Скопје. Ова нема да биде прв настап на овој германски диџеј на македонска територија, но ќе биде дел од неговата голема светска турнеја на која овој добитник на награда „Греми“ ќе посети светски метрополи, меѓу кои и Скопје.

Неговиот сет, освен со најголемите хитови што го лансираа на врвот, ќе биде надополнет и со нумери од најновиот албум „The politics of dancing 3“.

Matthias Paul за домашните, Пол Ван Дајк за светот, e добитник на „Греми“ за албумот од 2003 со наслов Reflections. Во 2005 и 2006 година беше прогласен за диџеј број 1 во светот. Досега има продадено повеќе од 5.000.000 албуми низ целиот свет. И денес се брои помеѓу првите вистински суперстар диџеи.

Освен на своите нумери, Пол Ван Дајк работел и на песни од Мадона, „Ју-ту“, „Депеш мод“, Џастин Тимберлејк и многу други.

Оваа германска ѕвезда секоја година има свој самостоен диџеј-сет во Централ парк во Њујорк. Влезниците за неколкучасовниот диџеј-сет на Ван Дајк во „Метрополис арена“ се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „Купикартизасè“.