Свечена академија по повод 40 години од формирањето на Општина Карпош

Свечена академија во чест на 40 годишнината од формирањето на Општина Карпош, се одржа вчера вечер во хотелот „Александар Палас“. На прославата на 40-тиот роденден на општината присуствуваа голем број на гости од сите сфери на животот, делегации од соседството, дипломати и новинари. 

Градоначалникот, Стевчо Јакимовски, одржа говор во кој ретроспективно се наврати на самото формирање на општината, далечната 1976-та. Им се заблагодари на неговите претходници, администрацијата и советниците за нивниот допринос во градењето на оштината. Нивна заслуга е тоа што денес, Карпош е една од најурбаните општини во државата, рече Јакимовски. 

Тој напомена дека инфраструктурата е во главниот фокус на неговото работење, но и покрај тоа, се води грижа за зеленилото, изградба на плоштади и места за рекреација. Се вложува и во граѓаните, особено во најмладите. Во моментов, се работи на реконструкција на покривите не колективни и индивидуални стамбени објекти, фасади, лифтови... 

– „Постојано вложуваме во инфраструктурата во Карпош, во изградба на нови паркови и плоштади, засадување дрвја, реконструкција на училишта и градинки, и реконструкција на фасади. Во моментов ги реконструираме покривите на индивидуалните и колективните станбени објекти и ги заменуваме старите и дотраени лифтови во зградите. Започна изградбата на градинка во населеното место Бардовци, предвидено е во иднина и изградба на училиште“

– Со посебен ентузијазам инвестираме во најмладите карпошани преку училишните спортски лиги, развивајќи го спортот на повисоко ниво во општината. Не ги забораваме пензионерите, и им помагаме на социјално загрозените семејства кои живеат на наша територијата. Нашата цел е постојано да се надградуваме и да работиме во интерес на нашите сограѓани“ истакна Јакимовски.