Еден од највозбудливите и најквалитетни бендови од светската концертна индустрија, „Тивери корпорејшн“ (Thievery Corporation) на 20 јуни доаѓа во Скопје, како специјално отворање на фестивалот „Скопје колинг 2017“.

„Како и за секој свој избор за концерт во Македонија, секогаш настојуваме да ги задоволиме апетитите на публиката од сите генерации и со различна жанровска определба. Се разбира, заедно со личните апетити и музички вкусови на продукцијата. Така и овој пат се одлучивме за бенд којшто е маестрален во живо и можеби единствениот во светот кој со својот уникатен музички стил спојува повеќе музички жанрови со елементи на електронска музика“, велат од „Авалон Продукција“.

Концертот ќе биде на отворено и ќе се одржи на Скопското Кале со почеток од 21 часот.

Влезниците по цена од 990 денари се пуштени во продажба од 15-ти мај, преку продажната мрежа на „Купи Карти За Сѐ“ низ цела Македонија, „Југотон“ и онлајн.

„Тивери корпорејшн“ во Скопје доаѓаат во комплетен состав, со над 20 музичари на сцена. Скопје може да очекува вистински спектакл – најавуваат од „Авалон Продукција“.