Субвенции за вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци

Министерството за економија годинава воведува нова мерка за енергетска ефикасност наменета за домаќинствата, односно субвенционирање за вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци. Огласот ќе биде објавен до крајот на месецов и ќе трае до крајот на август.

Според министерот за економија Дритон Кучи, за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година Министерството за економија обезбеди 20 милиони денари, при што ќе се надоместуваат до 50 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство.

Надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе можат да го остварат лицата кои во своите домови имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци, во периодот од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот оглас. Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.

Министерството и годинава продолжува со мерката која предвидува надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата што се спроведува по осми пат.

– Годинашниот буџет успеавме да го зголемиме, па наместо досегашните 6 милиони, обезбедивме 16 милиони денари, а условите остануваат исти, односно се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство, изјави Кучи.

За оваа мерка, додаде, можат да аплицираат сите домаќинства кои имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот на времетраење на јавниот оглас, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за оваа намена врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година. И годинава доделувањето на средствата за оваа намена ќе се одвива по пат на јавно извлекување.

Заклучно со 2016 година, за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата беа одобрени 54 милиони денари, поднесени се вкупно 14.785 барања, а субвенционирани се 4.237 домаќинства.