Студентка од Скопје раскажува како заработува за да ги плати студиите – најважно е да се стремиш кон остварување на целите

Нина е студент на Економскиот факултет во Скопје. Студент кој има зацртано свои цели, и цврсто оди кон нивно остварување .

Таа потекнува од сиромашно семејство, каде мајка и е инвалид, а татко и е тој кој се снаоѓа да заработи за да преживеат, но не и за да обезбеди средства за нејзино школување.

По завршувањето на средното училиште, Нина како одличен ученик, како и сите други матурнти, сакала да се запише на факултет, и секако да продолжи со своето понатамошно школување. Но, поради финансиската ситуација во која се наоѓало нејзиното семејство, Нина останала дома.

-Кога дојде 15 септември, сите мои врсници тргнаа на факултет, а јас бев дома. Јас таа која што никогаш во животот немав добиено помала оценка од 5. Тага, солзи, нервирање. Моите не беа како другите родители. Мајка ми е инвалид, таа не е способна за да работи, а татко ми работи каде ќе најде, понекогаш и чисти и едвај успева да земе плата и до 9000 денари. Јас имам и помал брат кој има 10 години. Едвај врзуваме крај со крај. За моето школување речиси и да не се спомнуваше дома. Бев сигурно дека не можат да ми ги обезбедат тоа. Седев дома и постојано плачев. Сакав да учам, и да бидам како и сите други. Немаше да ми смета што на факултет ќе одам во едни исти стари и искинати фармерки и патики. Јас сакав само да учам. Да не живеам повеќе во вакви услови и јас, и моите најблиски. Барав постојано решение на мојот проблем. Поминуваше времето, а ја не можев да најдам ниту пак работа. Веќе беше мај месец. А јас се уште правев планови, како да се запишам на факултет. Еден ден додека гледаше татко ми вести, слушнав дека во Црна Гора, на море тоа лето ќе се бараат многу сезонци. Тоа предизвика насмевка на моето лице, а и некоја си надеж. Но, јас немав ниту пасош, а ниту пари за да отидам до таму. Еден сосед, и близок на татко ми, работеше градежна работа во Црна Гора. Се распрашав преку него, ако може да праша нешто. Човекот ми излезе во пресрет. Прашал во Суто Море во некој ресторан. Таму ја објаснил мојата ситуација. Газдата веднаш побарал да стапи во контакт со мене. Работите почнаа да се средуваат. Веќе во средината на јуни заминав во Црна Гора. Среќата не застануваше. Бев свесна дека ми требаат пари и за што ми се. Бев цврсто убедена што сакам, и каде се гледам во иднина. Сите работеа таму по 8 часа, јас по 12. Беше тешко, но јас ниту во еден момент да помислив да се откажам. Сместувањето ми беше половина покриено, а за половина си плаќав јас. Храната ми беше од нив. Не трошев многу. Собирав пари за школување, и собрав. Се вратив во Македонија спремна за на факултет. Се запишав на економскиот факултет. Добар студент сум, имам сега добар просек. Секоја година земам стипендија. Морам да учам, за да дојдам, до стипендијата и така да се издржувам. Многу сум среќна. Знам дека ќе успеам. Одам и на пракса каде ќе најдам. Да се учам. Бидејќи знам дека утре воопшто нема да биде лесно за работа, па подобро сега да завршам со праксата. Се надевам дека ќе имам среќа, - раскажува Нина.

Нина упатива апел до сите кои имаат како нејзината илу пак слична ситуација да не се откажуваат. Да бидат упорни. Да не се откажуваат од учењето и школувањето. Како што вели еден ден се ќе се исплати.