Во Амбасадата на Република Македонија во Франција вчера вечер, се одржа Македонска вечер, во организација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации ИНАЛКО во Париз и Амбасадата на Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Париз.

Настанот бил осмислен и координиран од лекторот по македонски јазик на ИНАЛКО, Борче Арсов. Вечерта биле претставени студентите од  Институтот по македонски јазик, преку читање поезија и проза на македонски јазик и преку музичка изведба на македонски народни песни.

На програмата биле читани стихови од Ацо Шопов, Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Никола Маџиров, Николина Андова-Шопова и др.

Во организацијата и во подготовката на програмата покрај лекторот по македонски јазик, Борче Арсов, биле вклучени и студентите-македонисти, шефот на катедрата за македонски јазик на ИНАЛКО, Фроса Пејоска-Бушро, потоа Александра Николоска-Сондермајер, предавач на институтот, како и в.д. амбасадор на Македонија во Франција, Габриел Атанасов.

На настанот биле присутни гости од македонската дијаспора во Франција, како и многумина француски пријатели и љубители на македонскиот јазик. Покрај уживањето во изведбата на студентите-македонисти, присутните имале пријатна можност да пробаат и дел од македонската традиционална кујна на коктелот организиран од страна на Амбасадата.