Струја или парно - пресметајте што е поисплатливо за греење

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на својата веб страна има калкулатор со кој граѓаните може да прават пресметки на трошоците за потрошувачката на електрична и топлинска енергија.

Целта на овој калкулатор е потрошувачите да можат со едноставно внесување на неколку параметри да пресметаат колкави би биле нивните трошоци за електрична енергија, односно колку би плаќале за услугите на топлификациониот систем во Скопје, за загревање на една иста грејна површина.

Регулаторната комисија за енергетика, преку изработката на овој калкулатор сака да ги поттикне потрошувачите во насока на зголемување на интересот за планирање на потрошувачката на енергија, како и да им помогне во нејзиното рационално користење.

Во однос на практичната примена на веб калкулаторот, она што е од значење за потрошувачите е да знаат дека кај електричната енергија, при пресметката на трошокот, се внесува износот на потрошени kWh кој што може да се види на задната страна од месечните фактури за електрична енергија, а за да се добие подобра претстава за потрошените kWh за загревање, препорачливо е да се одбијат просечните месечни KWh од летниот период.

За пресметка на трошокот за топлинска енергија единствено што е потребно да се внесе е грејната површина на станот, со што се добива просечниот месечен трошок за греење со овој вид на енергија.Исто така, во делот на топлинската енергија има опција потрошувачите да пресметаат колкав епросечниот трошок доколку се исклучени од топлификациониот систем, што е значаен податок кога ќеја прават севкупната споредба на трошоците.

Со цел да се добие најреална споредба на трошоците за греење со електрична, односно топлинска енергија, потребно е да се има во предвид дека пресметката треба да се однесува за приближно еднакви услови, односно за иста површина и приближно ист период на греење во текот на денот.