Странските туристи не си одат од Македонија без тегла мед - се интересираат за потеклото и начинот на правење

Странските туристи, кои ја посетуваат Македонија, редовно се враќаат со по неколку тегли мед. Медот како традиционален производ станува се поатрактивен за странските туристи, кои покрај тоа што сакаат да го пробаат, сакаат да се запознаат и со начинот на правење, потеклото… Велат дека македонскиот мед е далеку поквалитетен од оној што се продава во маркетите во нивните земји, пишува Вечер на оваа тема. 

И продавачите на тезги низ скопските пазари велат дека странските туристи им се чести муштерии. Цената на една тегла домашен мед на зелените пазари се движи од 350 до 450 денари, зависи дали се работи за ливадски, багремов, органски…, меѓутоа потрошувачите не жалат пари за вистински домашен мед.

– Има купувачи покрај домашните, годинава има и многу странци кои купуваат и по неколку тегли мед, а се интересираат и за другите производи како полен, матичен млеч, восок…, вели една продавачка на мед на тезга на Зелен пазар.

Една купувачка на пазар вели дека редовно купува мед поради неговите лековите својства.

– Пред секоја зима купувам по неколку тегли мед, обично купувам од познати бидејќи во последно време во маркетите се појави некој сомнителен мед кој воопшто не личеше на мед, вели една купувачка на пазар.

И претседателот на Пчеларскиот сојуз на Македонија, Менде Трајковски, вели дека кај граѓаните се губи довербата за квалитетот на медот.

– Ние носиме на штандовите кристализиран мед и им објаснуваме дека чистиот мед кристализира, па има граѓани што бараат да си купат кристализиран мед токму заради сигурност. Потребна е кампања за едукација на граѓаните, но и инспекциските органи да ја намалат, односно стопираат продажбата на фалсификуван мед. Тоа ни прави нелојална конкуренција, а и граѓаните се излажани, вели Трајковски.

Инаку, цената на медот последниве два години се зголеми за повеќе од 40 отсто. Главната причина за поскапувањето на медот, пчеларите ја наоѓаат во недостатокот на овој производ на пазарот и зголемените цени на другите производи. Дополнителен фактор кој ја зголеми цената на медот се и големите загуби на пчеларите кои ги претрпеа поради климатските промени.

И за годинава прогнозите се дека мед повторно ќе нема доволно иако на почетокот на пролетта одгледувачите на пчели очекуваа  дека состојбата ќе се подобри и ќе соберат мед како во добрите години, но тоа не се случи.

Инаку покрај за медот, странските туристи кои доаѓаат во Македонија се воодушевени од вкусот и квалитетот на храната, па така изразуваат желба да се запознаат и да пробаат и другите производи кои се карактеристични за нашата земја, како маџунот, ајварот итн.