Странци доаѓаат на летување во Охрид, а Македонците одат во соседството

Охрид е место кое е далеку прочуено, а се смета за едно од поубавите во Европа. Секоја година доаѓаат се повеќе туристи, но Македонците почнуваат да го избегнуваат. Наместо летување во својата земја, тие се одлучваат најчесто за соседството. Причините се различни.

Бројот на туристите во Охрид расте, особено на странските. Но никој не може да каже дали e тоа ефект од кризата во Грција или е резултат на државните субвенции и рекламата.

Додека странците од земјите на Бенелукс, но и од Данска, Полска, Англија, се решаваат одморот да го поминат крај Охридското Езеро, Македонците, барем статистички, ги има помалку во Охрид.

За своја дестинација, и покрај кризата, тие најчесто ја одбираат Грција, летуваат во Албанија, Црна Гора или на други хит-дестинации.

Градбата на згради, апартмани и вили без концепт ги доведе локалната и централната власт во ситуација тешко да можат да пресметаат колку домашни гости има реално во Охрид. Најчесто новите градби се апартмани за кои не е се знае ниту цената за користење, ниту пак колку луѓе престојувале во нив.