Стота изведба на „Стјуардеси“ во Театар Комедија

На сцената на Театар Комедија утре, 28 октомври, со почеток од 20 часот ќе се одигра 100. изведба на претставата „Стјуардеси” од Марк Камолети.

„Стјуардеси” премиерно беше изведена на 6 декември 2013 година и од тогаш претставата ја виделе над 32.000 посетители.

Пиесата-класична фарса на францускиот драматург Марк Камолети со оригинален назив Боинг-Боинг е влезенa во Гинис како еден од најизведуваните драмски текстови во Франција.

„За претставата ‘Стјуардеси’ ќе издвоиме дека е најпродаваната театарска претстава во Република Македонија за 2014 година, актерите Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино во истата година за улогите во претставата го добија признанието најдобар млад актер, а веќе следната година претставата на истата манифестација ‘Златна Бумара’ го доби признанието за претстава на годината“, соопштија од театарот.

На јубилејната, веќе распродадена изведба на „Стјуардеси“, публиката ќе ги види маестралните изведби на Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино, Жаклина Петровска, Кристина Ласовска, Тања Мицков и Марија Кондовска.

Претставата е во режија на Синиша Евтимов, кој како хитмејкер, по „Вардарски пастуви“, на сцената на Театар Комедија ја подготвува својата трета премиера предвидена за декември, со наслов „Жена ми се вика Борис“, од францускиот драматург Рафи Шарт.