Стоп за масовното труење на животни и продажба на отрови!

Запирање на масовното труење на бездомните животни и забрана за слободна продажба на отрови. Ова од надлежните институции го побараа здруженијата за заштита на животните на јавниот собир под мотото "Македонија против насилство врз животните" што се одржа викендов на плоштад Македонија, во организација на "Анима мунди".

"Да се престане со убивањето на кучиња", "Не ме убивај, нахрани ме, заштити ме, сакај ме", "Масовна стерилизација, а не масовна елимација", "Отровот убива, но не бира, кој е следната жртва", беа дел од паролите со кои граѓаните што протестираа за заштита на животните го изразија својот револт од како што посочуваат масовното труење на животни во последниот период.

- Се расфрлаат отрови на шеталишта, покрај градинки и училишта и се врши синхронизирано труење на бездомните животни. Има и случаи на застрелани и обесени кучиња, посочија од Анима мунди.

Од здружението побараа под итно да запрат таквите активности и да се преземат мерки за истрага и приведување на сторителите, кои, укажуваат, вршат повеќе прекршоци и сериозно кривично дело, казниво со казна затвор.

- Потенцираме прашање е на време кога од отровите ќе настрада човек или дете зошто за жал во Македонија отрови слободно се купуваат и масовно злоупотребуваат, а за тоа никој не одговара! Се што се случува е резултат на институционалната некомпетентност, инертност и молк, наведуваат од „Анима мунди".

Здруженијата за заштита на животните уште еднаш од плоштад ги повикаа
министерствата за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство и единиците на локална самоуоправа итно да постапат во рамки на сопствените надлежности и да изнајдат хумани и ефикасни начини за надминување на проблемот со бездомни животни.

Фрлањето отров на јавни површини го осудија општина Центар и Град Скопје, од каде апелираа доколку се забележи појава на труење животни да се пријави во полиција на бројот 192, или во ЈП „Комунална хигиена" (02 321 66 44) и во стационарот „Вардариште" (02 820 13 57).

- Фрлањето отров и отровни материи на јавни површини со цел труење бездомни животни е крајно неодговорна постапка, претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно е и кривично дело, соопшти Град Скопје.

Градските власти истакнаа дека во изминатите две години двојно се зголемени капацитетите на стационарот за бездомни животни во Вардариште, со кој стопанисува ЈП „Комунална хигиена". Објектот, како што информираа, е изграден според европски стандарди и во него се сместени 48 нови боксови за сместување и хуман третман на заловените кучиња скитници, за што Град Скопје потроши околу седум милиони денари.