Стои ли некој зад децата питачи?

Напад на масата во кафулето додека пиете кафе од страна на децата кои просат. Откако валканото неизбањато дете ќе ви побара 10 денари и вие го замолите да се тргне настрана и да ве остави на раат, следува напад на вашата маса.

Ова е новата тактика на малолетните деца кои просат, најчесто од ромска национална припадност. Вашето шише со сок може да го снема за секунда, шеќерчињата на маса едноставно се топат. Тие одат од маса на маса, криејќи им се на келнерите ги грабаат шеќерните стапчиња од садовите поставени на маса, земаат што ќе им дојде при рака и бегаат.

 Доколу им се свртете и им речете да се тргнат можете да добиете некоја плуканица на вашите панталони. Ова е секојдневната слика низ скопските улици, низ кафулињата низ градот.

Жити швалерка, дај пет денари, да ти умре мајка ако не ми дадеш 100 денари, залепување за вашата нога и влечење по вас се додека не се фатите за паричникот, клоцање, плукање се само дел од она што го доживувате особено кога поминувате низ скопскиот Плоштад.

Понекогаш ни ги крадат парите

Едно девојче од ромска национална припадност на возраст од некаде околу 5 години, кое секој ден е на плоштадот Македонија, вели дека вака најдобро се заработувало за живот. Таа не сакаше да открие каде се нејзините родители, дали тие нешто работат, дали просат. Вели, сите мои браќа и сестри се снаоѓаат сами за себе, за да преживеат. 
- Па даваат по 10 - 20 денари. Ако најдеме некој што не е од тука знае да ни даде и по 100 денари. Заработувам по 300 денари дневно, што ми е доволно за да јадам, да не се хранам од контејнер. Има и такви кои наместо пари ни купуваат да јадеме. Сепак сакаме повеќе пари да ни даваат. Ако земам повеќе од 200 - 300 денари им давам на моите родители. Имам и мала сестра, бебе, па им треба за да и купат млеко - ни вели малото девојче, кое додека зборуваше со нас во рака држеше незапалена цигара.

Ја прашавме што е со цигарата. Прво ни рече дека ја зела за нејзиниот постар брат. Потоа се насмеа и додаде: и јас понекогаш пушам, ама само понекогаш. 
Таа е на улица откако памети за себе. Многу често се случувало дневната заработувачка да и ја земат постарите кои исто така просат. 

- Знаат да ме натепаат постарите и да ми ги земат парите, но се научив сега и ги кријам, не можат да ми ги најдат - додава девојчето облечено во искината и валкана маица, некои панталончиња, многу поголеми од она што реално треба да бидат. 
Откако направивме мал муабет ни побара десет денари. Замина да продолжи да работи, газејќи босо по градскиот плоштад.