Стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ за студенти на УКИМ

МИА МК

 

Стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ за студенти на УКИМ

 

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Стипендии од по 1.000 евра годишно добија 31 студент од прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, доделени од фондацијата „Атанас Близнакоф“ основана во 1977 година од еден од најголемите донатори од дијаспората.

Решенијата за стипендиите денеска им ги врачи ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, а нив ги добиваат студенти со високи резултати во студирањето кои се во послаба материјално-финансиска состојба.

Од оваа година средствата се исплаќаат и од дивидендите и каматите од ослободените средства кои се на сметката што донаторот ја има во банка во Илиноис, САД, каде што во 2018 година се формираше сестринска фондација со што се ослободени 5 милиони американски долари кои од смртта на Близнакоф во 1998 стоеле блокирани во САД.

-Успеавме да ги одблокираме, така што сега и тие се дел од фондацијата. Ми претставува особено задоволство што успеавме да ги ослободиме средствата кои нашиот голем донатор Атанас Близнакоф ги имаше на сметката во Илиноис, со што се овозможи од оваа година, а и во иднина, бројот на стипендии за нашите студенти кои покажуваат одличен успех во студирањето, а имаат матерријално-фианансиски проблеми, да биде поголем, истакна ректорот Јанкуловски.

Од оваа година, како што рече, се зголемува и висината на месечниот надомест кој стипендистите ќе го добиваат во текот на десет месеци од учебната година, кој сега изнесува 6.000 денари месечно.

Стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат исклучиво од камати, а сега и од дивиденди, додека главнината на средствата не се троши. Им се доделуваат на редовни студенти кои треба да бидат запишани најмалку во трет семестар, а Одборот на Фондацијата ги распределува средствата по распишан конкурс.

Иселеникот Атанас Близнакоф е роден во 1901 во костурското село Д’мбени. Во 1920 го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976 кога се населил во Скопје и ја основал фондацијата. На настанот во Ректоратот на УКИМ денеска беше промовирана и монографија за Близнакоф од Славе Николовски-Катин, кој лично го познавал иселеникот и членува во неговата фондација. Рече дека Близнакоф во САД бил дел од МАНС – Македонско-американски народен сојуз, активен во поддршката на Македонија, а неговата фондација е прва и најголема од иселеник.