Стартуваат јубилејните 45-ти “Мајски оперски вечери”

Со нова постановка на операта "Травијата" во режија на Верена Штројбер од Германија и Ана Дурловски во главната улога, на 9 мај стартуваат јубилејните 45-ти Мајски оперски вечери, кои годинава, според организаторите ќе понудат атрактивна програма составена од пет оперски, три балетски претстави, како и два рецитали, а ќе има и детска претстава.

"Травијата која е една од најизведуваните опери во светот ќе биде прикажана и на 11 мај. На 10 мај во рамките гостува Хрватскиот национален театар од Сплит (Хрватска) со балетската претстава "На пат" во кореографија на Игор Киров и на музика на Бах. На 13 мај публиката ќе има можност да го погледне "Севилскиот бербер" од Росини, со дел од гостите од Српскиот народен театар од Нови Сад, заедно со македонски солисти. Претставата "Јов" во изведба на Опера Нова од Украина е на 14 мај, а на 16 и 17 мај се изведбите на мјузиклот "Тајно моја" кој до сега е шест пати изведен. Балетската претстава "Лебедово езеро" со солисти и балетскиот ансамбл на МОБ во придружба на оркестарот на Државната опера во Пловдив (Бугарија) е на 20 мај, а балетскиот спектакл "Клеопатра" на 26 мај. Операта "Мадам Батерфлај" ќе биде одиграна на 28 мај во изведба на Национален театар на опера и балет на Албанија. Традиционално пак, на затворањето ќе се одржи операта "Аида" од Верди, а главните протагонисти се од државната опера од Турција", ја откриа програмата Сони Петровски, уметнички раководител на Македонската опера.

Во рамките на Мајските оперски вечери ќе се одржат и два рецитали, на Весна Ѓиновска -Илкова (сопран) во придружба на Кристина Светиева на пијано на 18 мај, и вториот е на 23 мај на кој ќе настапат басот Игор Дурловски во придружба на Дино Имери на пијано. Се најавува и претстава за најмладите, поточно во подготовка е премиерата на "Пролетната приказна# на Стојан Стојков во организација на детскиот хор "Фалсето" заедно со Теа Богатинова.

Главен настан е секако "Травијата", за која организаторите велат дека е едно поинакво искуство "ново читање". Според режисерката Штројбер, пак, која е во Скопје на покана на МОБ и Ана Дурловски со која заедно работеле на повеќе претстави во Германија, во претстава нема кралеви, кралици и херои, туку на сцената се претставени вистински луѓе и нивните емоции, а главната улога е жена со низок морал, љубовница. За сценографијата и костимографијата, пак, е одговорна Софија Шнајдер исто така од Германија. Таа посочи дека сценографијата и костимите се безвременски, и соодветствуваат и на денешното време.

Македонскиот сопран од светски калибар Ана Дурловски која во операта го толкува главниот лик Виолета Валери, пак, откри дека ова е нејзин прв настап во "Травијата" во Македонија, иако има настапувано во "Травијата" во Германија.

"Посебно ме радува што учествуваме во тимот на Штројбер кои се добитници на Ринг Аворд наградата на еден од најголемите режисерски натпревари во светот. Публиката има можност да види театар каков што се прави во Германија, каде ликовите и нивните релации се подлабоки", истакна Дурловски.