Стартува „Таксират“-Жан Мишел Жар најавува спектакуларно отворање

Фестивалот на алтернативна музика „Таксират“ в недела по 18-ти пат ќе ги отвори вратите за љубителите на „андерграунд“ музиката. 

Полнолетството на „Таксират“ ќе го отвори Жан Мишел Жар, пионер на електронската музика и одличен шоумен. Ова ќе биде негов прв настап во Македонија, па се очекува ВИП-Арената „Борис Трајковски“ да биде исполнета до последното столче. Публиката ќе види спектакуларен аудио и визуелен перформанс од светски ранг. За неговиот настап да биде онаков како што се очекува, Жар со себе донесе цел тим на луѓе задолжени за техничките аспекти од перформансот. Истата таа екипа се грижи за подготовките и изведбата на неговата светска турнеја.

Скопје ќе види нешто сосема ново в недела. Концерт каков што досега не е виден. Бината ќе биде широка 20 метри, а опремата поставена на неа пристигна во Скопје со 6 шлепери полни со продукциска опрема. Тимот задолжен за техниката е сместен во 5 автобуси, додека ѕвездата на вечерта ќе дојде со приватен авион, придружуван од својот менаџерски тим.