Стартува проектот „Сите во кајак“

Во организација на Кајакарската федерација на Македонија и Кајак клубот Илинден, денес почнува проектот „Сите во кајак“ со кој ќе бидат опфатени сите граѓани на Македонија кои ќе покажат интерес и желба да возат кајак.

Проектот кореспондира со Националната стратегија за развој на спортот во Македонија, ќе се спроведува низ цела држава и ќе опфати популација од најразлични возрасти. Организаторите посебен акцент ќе стават на развојот на овој спорт во младинските категории.

Поддршка на „Сите во кајак“ на денешната прес-конференција даде и четирикратниот македонски олимпиец Лазе Поповски.

-Го одржавме зборот и веднаш по промовирањето на Илинденскиот кајак слалом и на Европскиот куп во кајак спуст одржани во април, иако имавме краток рок за подготовки, одиме со проектот „Сите во кајак“. Проектот го промовира кајакот како спорт, ја јакне националната свест и љубовта кон татковина и е во насока на унапредување на базата за рана селекција на таленти и нивно вклучување во активен тренинг, како и развој на спортската рекреација. До Олимписките игри во Пекинг, Македонија секогаш имаше свој кајакар, меѓутоа, во Лондон 2012 и сега во Рио ќе нема македонски кајакар. Со посветеност на овој проект сакаме да создадеме балкански шампиони, европски и светски прваци и да имаме повторно олимпиец во следниот циклус, рече Поповски.

Покрај Лазар Поповски тренери вклучени во проектот „Сите во кајак“ се и Атанас Николовски, Стефан Андреев и Дамјан Колевски.

На часовите ќе биде презентирана кајакарска опрема, нејзино користење, основни завеслаи, техники на возење, индивидуална и тимска работа, едукативни активности.

Заинтересираните за учество во овие активности може да се пријават преку апликацијата на www.sitevokajak.mk. Учеството за сите е бесплатно.

Организаторите очекуваат над три илјади лица да ја искористат можноста да се запознаат со овој олимписки спорт кој се одвива во природа.