Старите автобуси кои ги користиме со децении ќе бидат заменети со нови

Старите дводелни автобуси кои ги користиме со децении ќе бидат заменети со нови. Оваа мерка Град Скопје ја планира со цел да се намали загадувањето во градот. Старите дизел автобуси според ЕУРО стандардите се едни од поголемите загадувачи на воздухот.

„Во Скопје, во текот на еден работен ден со редовен возен ред и согласно на мрежата на линии во градскиот превоз се ангажирани просечно 433 возила. Голем број од ангажираните возила се стари дизел автобуси. Планираме да ја намалиме употребата на постојните стари дизел-автобуси и да ја замениме со употреба на  еко-автобуси на гас“, велат од Град Скопје.

ЈСП во текот на годинава ќе добие субвенции од Градот во износ од 100 милиони денари за набавка на еко автобуси. Градот ќе ги субвенционира и приватните превозници со 20 милиони денари за инсталирање на уреди на гас и купување на автобуси со ЕУРО 5 И ЕУРО 6-стандарди.

„Субвенциите се дел од мерките за намалување на емисијата штетни гасови и за подобрување на услугите на јавниот превоз. Во иднина ќе се купуваат дводелни автобуси, кои ќе имаат поголем капацитет на патници. Автобусите кои се наменети и за ЈСП и за приватните превозници се размислува да бидат на гас или да ги задоволуваат ЕУРО5 и ЕУРО6 стандардите“, посочуваат оттаму.

Од Град Скопје се надеваат дека оваа мерка ќе ја намали загаденоста на воздухот и наредната зима во Скопје ќе има автобуси кои помалку или воопшто нема да го загадуваат воздухот.