Старата скопска убавица која смени 6 имиња

Секој град има своја, не важна, туку најважна улица. За Скопје тоа е улицата „Македонија“.Иако е стара стотина години, раѓањето на улицата „Македонија“ го означува и раѓањето на Скопје како град, односно она што денес го подразбираме под овој термин.

Улицата е пуштена во употреба некаде во јуни 1911 година во чест на посетата на претпоследниот турски султан (39-ти) Мехмед V Решад. Инаку, Мехмед V Решад (1844-1918) е мошне интересна историска фигура, која барем од неколку причини заслужила споменик. Станува збор за првиот султан по Младотурската револуција, човекот кој ја презеде одговорноста за мирен трансфер од императорската кон цивилната (демократската) власт во Империјата. Втората причина е дека поради него е изградена најзначајната скопска улица, а третата, не помалку важна, напротив, е дека тој е главниот јунак во филмот „Султанот Мехмед Решад Петти во посета на Солун и Битола“ (1911), едно од ремек-делата на Милтон Манаки, кое документаристички, но и прилично професионално ја бележи посетата на султанот на северната провинција Македонија, филм за кој е врзана и апокрифната славна реплика „Екселенцијо, мирно“, со која наводно Манаки му се обратил на султанот за да може подобро да го сними.

Значи, во тоа време железничката станица била сосема надвор од градот (неколку метри зад сегашната Стара железничка станица), а градот практично почнувал од Камениот мост, па натаму. Но, „Јени џаде“ (односно „Нова улица“, првото име на улица „Македонија“) веднаш станува важен и престижен простор. Само како илустрација, за нејзиното отворање е донесен трамвај со коњска влеча, и тоа директно од Виена.

Набргу потоа, таа е именувана по претходникот на Мехмед Решад, односно во улица „Султан Хамид“. За време на Првата светска војна се вика „Цар Фердинанд“, од 1922 година „Краљ Петар“, додека од 1942 година „Цар Борис“. Најдолго го носи името „Маршал Тито“, што го добива по ослободувањето, а во „Македонија“ е преименувана во 1993 година.

За престижноста на улицата говори и фактот дека таа е практично главната причина за преселувањето на центарот на Скопје, односно на побогатите мештани, околу неа. Новите објекти, дуќани, кафеани што се градат тука, го означуваат и раѓањето на граѓанската класа во Скопје, онаа без која ниту едно општество нема напредок. Тука се изградени првите вистински скопски палати (оние на Настеви, Икономови, Шеќеринови, Караџа, Крангови…). Во нив се инсталирани првите санитарни јазли и купатила, проработеле првите телефони (од околу сто телефонски приклучоци во 20-тите години на минатиот век, само семејството Настеви имало три, а кај нив во посед е и еден од првите клавири во Македонија), се појавиле првите фрижидери и ѕидани шпорети, првите автомобили… По улицата шетале господа и дами, слугинки, готвачки, градинари, приватни возачи и гувернанти од германско потекло. На улицата никнуваат кафеани, хотели, слаткарници и казина („Бели орао“, „Москва“, „Маргер“, „Европа“, „Тип-топ“…), со што таа станува центар не само на ноќниот, туку и на трговскиот живот на градот.

Својот најголем процут улицата „Македонија“ го доживува во 20-тите години од минатиот век, кога околу неа се градат најубавите згради, но и во преминот меѓу 20-тите и 30-тите години кога градоначалник на Скопје е архитектот и творецот на првиот вистински урбанистички план на градот Јосиф Михајловиќ. Станува збор за најдобри архитектонски примероци на сецесијата, архитектура која ја форсира слободата на изразот, особено кога станува збор за декоративноста, но и новите материјали: бетон, керамика, железо… Иако улицата е практично епицентар на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, голем дел од зградите изградени во периодот на Михајловиќ успеваат да поминат само со помали оштетувања. Тоа само говори за начинот на изградбата на овие зданија (палатата на Крангови, на пример, имала темели длабоки два метри).

Втората голема промена улицата ја доживува на преминот од минатиот кон овој век, односно во периодот кога градоначалничка на општината Центар е Виолета Аларова, а градоначалник на Скопје Ристо Пенов. Тогаш, имено, улицата по примерот на повеќе светски метрополи се поплочува и во поголемиот нејзин дел станува пешачка зона. Интересно е дека ова е една од ретките поголеми градежни интервенции која не наиде на политички контроверзи и полемики.

Улица Македонија секогаш ќе го има оној граѓански шмек.