СТАР РЕЦЕПТ ЗА БОЗА: Напиток кој изобилува со витамин Б

Денес е скоро заборавена, а може да се купи во слаткарници каде слаткарите го пренесуваат нивниот рецепт  низ повеќе генерации.

Поради изобилието со витамин Б, протеини и органски киселини, посебно се препорачува за трудниците, децата, спортистите и постарите лица. Бозата е многу здрав напиток и добро е да се пие. Нејзиниот густ киселкаст вкус е специфичен и на многумина им треба време да се навикнат на истиот.

Стар рецепт за боза:

Подготвувањето на боза не е комплициран процес, но се одвива во неколку фазиво временски размер од по десетина часа.

Половина килограм брашно од пченка се става во 5 литри млака вода и се остава да отстои десетина часа или уште подобро цела ноќ. Потоа лонецот со брашно и вода се става на тивок оган и со повремено мешање се остава да крчка 3 часа. После тоа се трга од оган и се остава течноста да се излади.

Во меѓувреме се растопува 20 грама квасец во малку млака вода па се додава во изладената смеса од пченкарно брашно и вода. Треба добро да се промеша и се остава да отстои следните 10 часа.

Откако ќе отстои оваа густа течност се прецедува преку газа и се засладува со половина килограм шеќер или повеќе, по желба.

Потоа се точи во чисти стаклени шишиња кои не треба да се затвораат, за гасовите да не го извадат капачето.

Се чува во фрижидер, a пред сервирање на бозата можете да додадете цимет или некој друг егзотичен зачин.