Становите ќе поскапат за десеттина проценти, најавуваат градежниците

За три пати е намален бројот на станови што треба да се изградат со градежните дозволи издадени во ноември лани, во однос на бројот од октомври истатата година и ноември 2016 година, покажуваат најновите статистички податоци.

Во ноември лани особен пад на интересот за градење станови има во Скопскиот регион, кој отсекогаш бил најатрактивен.

Така, ако во ноември 2016 година општините издале одобренија за изградба на 985 станови, во истиот месец лани се издадени за само 313. Во октомври лани, исто така имало во најава изградба на поголем број стнанови – 929. Градежниците, сепак, оваа ситуација не ги загрижува. Велат дека по затишјето во изминатите години поради политичката криза, кога ја намалиле активноста, сега продажбата на станови се оправува и поради тоа најавуваа раст на цените.

Инаку, пад на цените на недвижнините во изминатиот неколкугодишен период евидентираат и Регистарот на цени и закупнини во катастарот и Народната банка на Макеоднија. Според пресметките на НБРМ цените на станбениот квадрат паѓаат во континуитет шест квартали по ред, до септември лани, кога динамиката забавува.

– Така, индексот на цените на годишна основа е понизок за 1,3 отсто, (намалување од 3,9 проценти во претходниот квартал), се наведува во ноемврискиот квартален извештај на НБРМ и се додава дека показателите и натаму упатуваат на потенцијално стабилизирање на растот на побарувачката на станови,

Во тој извештај НБРМ исто така нотира дека по двоцифрените стапки на раст во изминатите две години, во третиот квартал од годината има намалување на изградбата на станбени згради, додека кај издадените одобренија за изградба на станбени згради
се забележува забавување на годишната динамика на раст.

Регистарот на цени и закупнини покажува дека во третиот квартал лани биле продадени 139 новоизградени станови, што е за 88 повеќе од првиот квартал во 2017 година.

Последниот статистички извештај за ноември лани, освен што упатува на драстичен пад на интересот за изградба на станови, посочува и на тоа дека практично, изградбата на нови станови стивнува во Скопје. Така, ако со издадените одобренија за градење во ноември 2016 година во Аеродром почнала изградба на 336 станови, во Карпош на 295, а во Центар на 106 станови, во истиот месец лани се издале одобренија за изградба на само два стана во Аеродром, на 25 во Карпош и на само 10 во Центар. Според издадените одобренија во ноември лани, со станови во наредниот период најмногу треба да се подноват Прилеп, каде е планирана изградба на 67, Струмица со планирани 45 и Охрид, каде е одобрена изградба на 40 нови станови.