Станбените згради околу Олимписки базен ќе пораснат!

Четириесет жители на Ново Маало побарале од Општина Центар во измените на новиот детален урбанистички план да се зголеми висината на станбените згради.

Од Општина Центар информираат дека за јавната анкета за оваа четврт која заврши во петокот интерес покажале само индивидуалните сопственици, но не и институциите кои се сместени во реонот. Со забелешки не се јавила ниту една институција, ниту за промена на постоечката маркичка на Олимпискиот базен. До Одделението за урбанизам биле доставени само два анкетни листа со кои се барало да се промени трасата на булевар "Крушевска република", сообраќајница која е дефинирана со генералниот урбанистички план на Град Скопје.

-Всушност, основна причина за изработување и донесување на деталниот урбанистички планови за Градска четврт Ново Маало е тој да се усогласи со генералниот урбанистички план на Град Скопје, 2012-2022. За овој план карактеристично е тоа што заинтересираните граѓани, четириесетина, ги упатуваа своите забелешки и предлози за да се зголеми катноста на планираните објекти за домување - станбените згради. Со други зборови, интерес имаше само за градежните парцели со намена домување, информираат урбанистите од општината.

Оттаму додаваат дека истовремено заврши и повторната јавна анкета за вториот детален урбанистички план за Судска палата за кој беше организирана повторна јавна анкета.

-Причина за тоа беше проектот за инфраструктура за булевар "Гоце Делчев" донесен од Град Скопје. Учеството на заинтересираните страни беше минимално, до нас беше доставен само еден анкетен лист, додаваат од Одделението за урбанизам.

Оттаму појаснуваат дека сите анкетни листови ќе бидат разгледани и доколку постои можност за корекција, барањата на граѓаните ќе бидат уважени.

Во нацрт-документот за Ново Маало, локалната самоуправа нема предвидено големи промени во урбанистичкиот план. На просторот помеѓу Олимписки базен и "Веро центар" ќе се градат станбени згради со најмногу девет ката и поткровје. Единствена промена е зголемувањето на висината за два до три ката на зградите лоцирани на улицата "Пролет".

На местото на постојните трошни куќи до Олимпискиот базен е предвидено да се изградат околу 10 станбени објекти. Наспроти идејата пласирана пред околу две години, со најновиот урбанистички план не се предвидува изградба на облакодери. Парковската површина пред Олимпискиот базен е предвидено да остане за граѓаните. Последниот урбанистички план за населбата Ново Маало беше донесен пред околу четири години од претходното раководство на општината.

Заедно со урбанистичкиот план за Ново Маало, од Општина Центар планираат да го донесат и новиот урбанистички план за реонот Судска палата, кој го опфаќа левиот брег на реката Вардар кај Македонската радио-телевизија. Како и досега, на оваа напуштена локација е предвидено да се изгради 10-катна станбена зграда, додека на крстосницата кај Скопскиот саем е предвиден повисок објект од 12 ката.