ССК со кампања: Компаниите помалку да генерираат отпад и да рециклираат

Намалување на производството на отпад и рециклирање се само дел од десетте чекори што компаниите – членки на Сојузот на стопански комори (ССК) треба да ги преземат со цел намалување на загадувањето во нашата земја.

– Македонија веќе со денови не се спушта од листата на држави кои се најзагадени во светот. Деновиве е меѓу првите десет земји според светската страница за мерење на квалитетот на воздухот „АирВизуал“ – се вели во соопштението од ССК од каде со иницијативата на жени во климатска акција, започнуваат со кампања за подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и климатските промени.

Оттаму нагласуваат дека загадувањето е на алармантно ниво, не само на воздухот туку и на животната средина воопшто, што се одразува негативно и со долгорочни последици за сите кои живеат и работат во Македонија.

– Членовите на Сојузот, директно придонесуваат за справување со загадувањето и климатските промени, но потребно е акцијата да биде масовна. Затоа ги повикуваме сите да се придружат во акцијата која е едноставна, но ефективна. Секој треба да оцени колку од овие активности ги спроведува во својата институција или компанија, помагајќи да стане поодржлива, а во исто време и помагате на државата и светот во акцијата против климатските промени – вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска.

Сојузот на стопански комори на Македонија информира дека компаниите кои се нивни членови активно преземаат десет чекори кои се повик за делување на сите институции, организации и компании.